Не сме задоволни од работата на Јавното Обвинителство, мора да има промени. Ова во емисијата Бзнис 21 го кажа директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски. Тој потврди дека меѓу 80-тината предмети кои се чуваат во фиока на обвинителите, за кои информираше премиерот Мицкоски, има и нивни.
„Во овој период од 14 месеци се работи за многу малку процесуирани кривични пријави и за многу малку подигнати обвиненија од моите информации. И врз основа на тоа можам да кажам дека мора да има промени во Јавното обвинителство, затоа што непроцесуираните кривични пријави значат дека ние едноставно залудно сме работеле. Ако не се процесуирани нашите кривични пријави и ако нема подигнато обвинителни акти значи не сме задоволни од таа работа и нормално треба да има промени“, рече Слободан Ивановски.
Ивановски кажа дека има и нови истраги за Лотарија и ЕСМ. Покрај истрагата во болницата во Прилеп, која е во напредна фаза, најави дека ќе излезат и со други случаи од здравствениот сектор.
„Во моментов има и друга истрага за Лотарија. Исто така и Лотарија како и РЕК е на некој начин институција каде што претходно се правеле доста кривични дела“.
И сега кога сме кај Лотарија и ЕСМ може ли барем да ни откриете за какви сомнежи станува збор, за колкава сума на пари?
„И тоа се уште не го знаеме затоа што сме во првична постапка“.
Голема или мала?
„За штета од големи размери“.
Ивановски информираше дека во тек се активности за поставување на техничка опрема за следење, во соработка со СОЗР, АНБ и ОТА, со цел Финансиската полиција да може да спроведува посебни истражни мерки. Во однос на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка кажа дека постапуваат по пет иницијативи од Обвинителството. Едната иницијатива со која ќе излезат наскоро е за звучно име од судската фела. Тој ги охрабри граѓаните да пријавуваат злоупотреби, и рече дека наскоро ќе има кривични пријави и за актуелни функционери.
