Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешниот увид во градежните активности на мостот на „Љубљанска“ заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, рече дека по години застој, продолжува финалната фаза од поврзувањето на улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, со цел до крајот на оваа година мостот да биде ставен во функција на скопјани.
„За нашиот град, ова поврзување има огромно значење. Нова сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, побрз и побезбеден излез кон обиколницата и растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“. Зад сето ова стои она што им е најважно на граѓаните – помалку време во колони, полесно стигнување до работа и повеќе време со семејството“, соопшти Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека застојот поради потребното мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“ е надминат.
Се работи за современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, со пешачки и велосипедски патеки широки по два метра, кои ќе овозможат безбедно и удобно движење за сите учесници во сообраќајот. Освен тоа, изградени се потпорни ѕидови од двете страни на булеварот, атмосферска канализација во должина од 473 метри, а ќе се постави и улично осветлување со 40 столбови, за поголема безбедност и прегледност.
