Враќањето на фудбалските мечеви на Првата лига се под знак прашалник, откако тестовите на неколку членови на двата тетовски тима Ренова и Шкендија се покажаа позитивни на Ковид-19. Меѓу заразените е и спортскиот директор на „Ренова“, Фисник Нухиу. Тој е во домашна изолација, а за ТВ21 раскажа за симптомите кои ги имал.
„Првите два дена имав температура и треска проследени со главоболка која не престануваше ниту со лекови против болки. Ова траеше 4-5 дена. Потоа почувствував други симптоми го губев чувството за вкус, не чувствував никаков мирис кога јадам или пијам. Сега имам почеста кашлица која во првите денови ја немав. Сега карактеристично е ова со усните, забите, вилицата, како да не ги чувствувам, тоа ме изморува и кога јадам, и кога зборувам“, вели Фисник Нухиу.
Институтот за јавно здравје донесе одлука „Ренова“ во наредните 14 дена да биде во изолација, со цел да се спречи ширењето на вирусот.
„Денеска добивме одлука – сите да бидеме изолирани без оглед дали сме позитивни или негативни. Целиот клуб ќе биде во изолација наредните 14 дена, бидејќи имавме контакти едни со други“, истакна Фисник Нухиу.
Нухиу ги повикува граѓаните да бидат што е можно повнимателни и да не се плашат. Што се однесува до тетовскиот клуб „Шкендија“, од направените тестови двајца играчи излегоа позитивни, но и покрај тоа нема одлука за изолација на целиот клуб, туку во домашна изолација ќе останат само двајцата заразени.
Тимот на ФК „Шкупи“, не прифати да се тестира во „Аџибадем Систина“, туку побара тестовите да ги направат во државна болница.
Во редовите на клубот „Вардар“ нема ниту еден позитивен на коронавирус.
