Фон дер Лајен признава дека има технички проблеми со новиот систем за гранична контрола на аеродромите во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Урсула фон дер Лајен призна дека има технички проблеми со новиот систем за гранична контрола на аеродромите во ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен призна дека новиот дигитален систем на ЕУ за контрола на границите (EES) се соочува со технички проблеми. „Работиме со земјите-членки за да ги решиме техничките проблеми“, изјави таа на прес-конференција во Ирска.

Според аеродромите и авиокомпаниите, системот, кој бара патниците од земјите надвор од ЕУ да регистрираат биометриски податоци, предизвикува повеќечасовни редици, оперативни пречки и пропуштање на поврзувачки летови.

„Има уште многу работа за овие технички прашања да се решат заедно со земјите-членки“, додаде Фон дер Лајен.

Изјавите на шефицата на ЕК претставуваат промена во ставот на Комисијата, која претходно го минимизираше влијанието на системот EES. „Во повеќето аеродроми во ЕУ, влијанието е навистина ограничено“, изјави претходно портпаролот на Комисијата за внатрешни работи, МАркус Ламерт.

Иако Европската комисија претходно процени дека влијанието на EES е ограничено и дека регистрацијата трае околу 70 секунди, авијациската индустрија предупредува дека чекањата на граничните премини достигнуваат и до пет часа во периодите на најголем сообраќаен метеж.

Во отворено писмо, ACI Europe, IATA и Airlines for Europe наведуваат: „Времето на чекање на граничната контрола значително се зголеми, достигнувајќи до пет часа во периодите на интензивен сообраќај“. Овие организации побараа Европската комисија да им овозможи на земјите-членки, „доколку е потребно, целосно да го суспендираат EES, барем во текот на јули и август“.

Системот, кој е задолжителен од 10 април, бара патниците од земјите надвор од ЕУ, вклучувајќи ги Обединетото Кралство и САД, при нивниот прв краткорочен влез во ЕУ да ги регистрираат отпечатоците од прстите и фотографија од лицето. Иако се предвидени киосци и мобилни апликации за побрза регистрација, на многу гранични премини, како што е аеродромот во Рим, податоците сè уште се внесуваат рачно, додека само Шведска и Португалија ги активирале потребните апликации.