ФОТО: Пендаровски – Сакеларопулу: „Нашата средба има историски димензии“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска пред Претседателската палата во Атина, на официјална церемонија со државни и воени почести, беше пречекан од претседателката на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу, со што започна неговата дводневна официјална посета на Хеленската Република.

Претседателката на Грција, Сакеларопулу истакна дека оваа посета е прва посета на претседател на Република Северна Македонија на Грција и поради тоа е многу значајна.

„Посетата ќе придонесе на развој помеѓу односите на нашите држави. Би сакала да го подвлечам значајното кое ние го даваме на подобрување на нашите односи и вашата перспектива. Ќе се согласите со мене дека целосно и со добра волја е применувањето на Преспанскиот Договор кој е значаен за развој на нашите односи. Веќе поминаа две и половина години од применувањето на Договорот и треба да признаеме дека се направени многу позитивни чекори кон применувањето на Договорот но има и многу работи кои треба допрва да се применат“, истакна Сакеларопулу.

Пендаровски се заблагодари на гостопринството и додаде дека како човек не е склон кон политичка патетика, но мора да истакне дека нивната средба има секакви историски димензии.

„Да имате прва средба на највисоко политичко ниво после 30 години меѓу две земји кои се директни соседи е значајна работа. Ние имавме и претходно одлична соработка, но мислам дека од 2018 година навака ја поставивме таа правна и политичка рамка наречена Преспански Договор која ни овозможи уште повеќе да се развиваме“, додаде Пендаровски.

Претходно, претседателот Пендаровски положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Хеленската Република.