Франција го продолжува полицискиот час по насилните протести, се стравува од нови немири

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Француските власти не планираат да ги ублажат безбедносните мерки по насилните протести што ја зафатија земјата изминатиот викенд. Полицискиот час ќе остане во сила во деловите каде што локалните власти ќе проценат дека е неопходен, а продолжува и забраната за демонстрации во градските центри.

Ова го најави францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез, кој оцени дека во наредните денови не се очекува значителна промена на безбедносната состојба.

„Ситуацијата нема суштински да се промени во наредните денови“, изјави Нуњез за францускиот информативен канал БФМ.

Тој посочи дека локалните власти ќе одлучуваат за потребните мерки од случај до случај, со цел да се зачува јавниот ред и мир. Според министерот, сè уште постои ризик од нови инциденти, вклучително и вандализам и грабежи на продавници, поради што ограничувањата засега остануваат на сила.

Повеќе од 1.400 уапсени за време на протестите

Според податоците што ги соопшти Нуњез, за време на протестите во саботата низ Франција биле уапсени 1.435 лица. Повеќе од 100 од нив биле приведени поради поседување оружје.

Министерот предупреди на високото ниво на насилство насочено кон полициските службеници. Во инцидентите биле повредени 267 полицајци и жандарми.

Повредени биле и 250 демонстранти, од кои тројца во Тулуз, Ремс и Клермон-Феран се здобиле со сериозни повреди.

Се очекуваат нови протести и следниот викенд

Француските власти се подготвуваат за можни нови немири претстојниот викенд, во услови на студентски демонстрации и пошироки антивладини протести.

На прашањето дали и следната сабота би можела да биде ден со висок безбедносен ризик, со можни судири меѓу демонстрантите и полицијата, Нуњез одговори потврдно.

„Сосема јасно, да“, изјави францускиот министер, најавувајќи дека безбедносните мерки ќе зависат од проценките на локалните власти.