Македонија и официјално го започна операцијата со Фронтекс со што повеќе од 110 службеници од 13 европски земји од денеска ќе престојуваат на македонско-грчката граница. Полицајците од Фронтекс веќе се во земјава и можеа да се забележат и на самиот настан на официјализирање на договорот. Тие ќе им помагаат на македонските колеги во подобро справување со нелегалната миграција, криумчарењето на мигрантите и прекуграничниот криминал, бидејќи Македонија е дел од балканската рута низ која поминуваат мигранти кон земјите на Европската унија. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека е зголемен бројот на откриени случаи на криумчарење мигранти, но вели дека ова не е решение за проблемот со мигрантите.
„Зошто е атрактивна западнобалканската рута? Заради геостратешката позиција која што го има целиот овој регион и тука се вкрстуваат сите патишта и тука е, за мигрантите најлесниот момент да се пристапи кон Европската унија. Второ, многу важна работа е тоа што Европската унија донесе да склучува договори со трети земји затоа што се увиде дека само заеднички можеме да се справуваме со последиците од миграцијата“, вели Оливер Спасовски.
Извршниот директор на Фронтекс Ханс Лејтенс порача дека ваквата соработка ќе значи доближување на Македонија кон Европската унија.
„Би сакал ова да биде решение. Тогаш мигрантите ќе престанат да ја користат оваа или која било рута, тоа ќе биде подобро и за мигрантите затоа што нема да бидат во рацете на криумчари и криминални банди. Но, мислам дека е важно што ние додаваме вредност бидејќи границите се важни за криумчарите бидејќи тоа е нивниот бизнис модел. Ние ќе бидеме поприсутни и тоа ќе обезбеди поголем квалитет и поголема соработка на границите и јас сум убеден дека тоа ќе помогне во борбата против криминалот, бандите и ќе помогне на оние на кои им е потребна нашата помош“, порача Ханс Лејтенс.
Првата операција започнува од денеска и ќе трае до идната година. Предвидено е најпрво да се покрива јужната граница со Грција, а подоцна ќе се прошири и кон границите со Србија и Албанија. Договорот со Фронтекс инаку беше потпишан во октомври минатата година.
