Фудбалот нема повеќе да биде ист, вирусот ја поремети најважната споредна работа во животот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова не се инсерти од некој научно фантастичен филм. Ова е соблекувалната на Барселона. Пред, но и по секој тренинг, дезинфекција на копачките, влечките, шкафчињата и сето она што го користат фудбалерите.

Дезинфекција и на спортските реквизити на теренот. Тренинзи со физичка дистанца. Нема групирања на едно мест, а тренерите носат маски и ракавици. Дезинфекцијата и за нив е задолжителна.

-Првата недела помина добро и во мојот случај е супер да се вратиме и за сите нас тоа беше предолго време поминато дома. Прекрасно е чувството што повторно играме со топката и сите сме многу среќни што се вративме-рече Серхио Роберто, фудбалерот на Барселона.

Иста ситуација и во таборот на најголемиот ривал на Барселона, Реал Мадрид. Мора да се почитуваат препораките на властите. Но, најважно за фудбалерите е што се вратија на теренот.

“Го правевме она што клубот и тренерите ни го пренесуваа. Беше многу важно пред нашето враќање. По веста за нашето враќање на теренот сите работевме напорно, секако работевме и во домашни услови за да ја задржиме нашата физичка подготвеност пред нашето враќање на теренот.“, изјави Касемиро од Реал Мадрид.

Фудбалската федерација на Шпанија и претставниците на Ла Лига постигнале договор за начинот на комплетирање на оваа сезона. Секоја недела ќе има по две кола, за да се запазат роковите, а тоа значи дека секој ден ќе има по еден меч од шпанската Ла Лига. Она што е поставено како ограничување е 72 часовна пауза помеѓу два меча за еден фудбалски тим. Планот е сезоната да се рестартира на 12 јуни, или една недела подоцна, бидејќи шампионот треба да биде познат до крајот на јули, според препораките и насоките на УЕФА.
Иако фудбалските фанови ширум светот се радуваат што повторно ќе има фудбал, сепак нивните идоли ќе ги гледаат само на малите екрани. Стадионите ќе бидат затворени, а она што ќе го видиме на теренот, во голема мера ќе се разликува од фудбалот кој сме навикнале да го гледаме.