Фудбалот поважен од концертот: Род Стјуарт откажа настап поради болест, а виден на стадион како навива за Шкотска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Род Стјуарт предизвика реакции во јавноста откако беше забележан како навива за Шкотска на трибините на натпревар од Светското првенство, само неколку часа откако го откажа својот концерт во Калифорнија поради здравствени причини.

Еден ден пред неговото појавување на натпреварот меѓу Шкотска и Хаити во саботата (13 јуни), тимот на Стјуарт објавил соопштение на неговиот Инстаграм профил во кое се наведува дека, по совет на лекарите и по дијагностицирана акутна инфекција на горните дишни патишта која предизвикала ларингитис, тој не е во можност да настапи таа вечер.

Подоцна, Стјуарт сам објавил соопштение помалку од еден час пред закажаниот концерт во Калифорнија, во кое изјавил: „По третманот се чувствувам многу подобро, но гласот сè уште не ми е добар. Многу сум разочаран и искрено им се извинувам на моите обожаватели за непријатностите.“

Потоа, за време на викендот, тој споделил видео на кое лета со приватен авион кон Бостон заедно со своите синови. „Еве нè, летаме кон Бостон да ја гледаме Шкотска на Светското првенство,“ изјавил Стјуарт во видеото на Инстаграм. „Поминаа 28 години, па на овие деца им зборував за тоа, но никогаш не биле. Јас сум бил на седум светски првенства.“

Видеото завршило со гласно навивање „No Scotland, no party“, што предизвикало критики од дел од фановите, со оглед дека концертот во Чула Виста бил откажан помалку од еден час пред почетокот.

Подоцна истиот ден, Стјуарт бил снимен како воодушевено навива од трибините по победата на Шкотска.

Неговиот следен закажан настап е во Колорадо, во Red Rocks Park and Amphitheatre.

Ветеранот на рок музиката оваа година наполни 81 година и повеќе од 60 години настапува на сцена, а во моментов е на својата проштална турнеја „One Last Time“, која ја започна во 2024 година, вклучувајќи го и настапот на Glastonbury минатото лето.

Тој има уште над 20 концерти низ САД оваа година, а во интервју за TalkSport навести дека размислува да ја заврши кариерата по уште една последна турнеја во Велика Британија.

Во 2024 година, Стјуарт изјави дека завршува со големи светски турнеи, но додаде дека нема намера целосно да се пензионира.

Инаку, тој беше дел од легендарниот лајн-ап на Glastonbury 2025, каде настапи заедно со Рони Вуд, Мик Хакнал и Лулу, добивајќи одлични критики за настапот.