Светот на фудбалот го потресе страшната вест од Кина – габонскиот репрезентативец Арон Бупенџа го загуби животот откако падна од 11 кат од станбена зграда во Хангжу, соопштија локалните власти.
Бупенџа оваа сезона настапуваше за ФК Жеџијанг, а за кратко време стана еден од клучните играчи на тимот – на шест натпревари постигна четири гола и забележа две асистенции.
Локалната полиција покрена опсежна истрага за околностите на трагичниот настан, а како што пренесуваат кинеските медиуми, во оптек се неколку верзии – од ненамерен пад, можно самоубиство, па се до наводен конфликт со неговиот брат, кој бил присутен во моментот на трагедијата.
Бупенџа беше репрезентативец на Габон од 2023 година. Во својата кариера играше во романски Рапид Букурешт, претходно во Синсинати (САД), па во Саудиска Арабија, а беше дел и од турски Хатајспор. Играше и во Тур и Бордо од Франција.
