Во среда ќе има намалување на цените на повеќе од 50 прехранбени производи, а тие ќе можат да се забележат со ознаката “гарантирана цена“. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека утре Владата ќе донесе одлука кои производи ќе претрпат намалување на цената, а меѓу нив се пекарските производи, млечните и месните производи. Основа за намалување на цената ќе биде цената од 1 август, минус 10% намалување, а овие цени ќе важат до 30 ноември.
„Секој граѓанин во нашата држава кога ќе оди на супермаркет ќе може да забележи ознака каде ќе се покажуваат гарантираните цени и додатно од тоа ќе се знае дека производите кои ќе имаат така ознака нема да можат да поскапат до 30 ноември“, порача Крешник Бектеши.
Министерот Бектеши рече дека списокот на производи со намалени цени е направен врз основа на анализите направени од Државниот завод за статистика во врска со тоа што најмногу трошат граѓаните. Алкохолните и безалкохолните пијалаци и средствата за хигиена не се на оваа листа, но министерот Бектеши очекува на листата да се додадат и други производи.
„Ги повикувам производителите и дистрибутерите кои не се на списокот за намалување на цените, да се пријават во Министерството за економија за да можат да ја користат ознаката „гарантирана цена“ и со тоа и граѓаните ќе ги разликуваат. Ова го правиме со цел да го прошириме списокот на производи. Утре ќе имам разговори со производителите и дистрибутерите на алкохолни и безалкохолни пијалаци и чекам позитивни реакции од нив,со цел со следната одлука покрај средствата за хигиена да бидат вклучени и пијалаците“, вели Крешник Бектеши.
Бектеши предупреди дека од среда ќе започнат засилени контроли од страна на Пазарниот инспекторат и ќе се вклучат и членови на Владата во делот на надзорот како се спроведуваат контролите со единствена цел да им се помогне на граѓаните.