Клековски: Има отпор за децентрализација на онколошката терапија, но промените мора да продолжат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Децентрализацијата на онколошката терапија се соочува со отпор во дел од здравствените установи, но Министерството за здравство работи на надминување на пречките за пациентите да можат да примаат одредени терапии поблиску до местото на живеење. Ова го истакна министерот за здравство Сашо Клековски, најавувајќи дека процесот треба да започне во најмалку две болници во следните три месеци.

Презентирајќи ги реализираните активности и стратешките приоритети во здравството, Клековски посочи дека отпор постои на Клиниката за онкологија, но и во дел од клиничките болници во кои се планира да се пренесе терапијата.

Според него, Клиниката за онкологија и понатаму ќе остане централна установа за третман на онколошките пациенти, но дел од терапиите мора да станат достапни и во други градови, со што ќе се намали притисокот врз клиниката во Скопје.

Како пример за предизвиците при децентрализацијата, министерот го посочи искуството со биолошката терапија за пациентите со мултиплекс склероза. Иако Клиниката за неврологија била преоптоварена со пациенти, предлогот терапијата да се спроведува и во други установи наишол на отпор.

По едногодишни подготовки, биле создадени услови оваа терапија да се применува во Штип, Охрид и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Клековски најави дека ќе биде изготвен национален план за децентрализација на онколошката терапија, а целта е во рок од три месеци таа да започне да се применува во најмалку две болници надвор од Скопје, со можност да биде вклучена и трета здравствена установа.

Министерот се осврна и на проблемите со радиотерапијата, посочувајќи дека медицинска опрема набавена пред една деценија сè уште не е ставена во функција.

„Имаме купено акцелератори пред 10 години и тие не се во употреба“, истакна Клековски, нагласувајќи дека е потребен нов пристап во организацијата на радиотерапевтските услуги.

Како области во кои се неопходни дополнителни реформи ги издвои радиологијата, онкологијата, функционирањето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и воспоставувањето поинаков концепт за долгорочна нега.

Според најавите, децентрализацијата треба да придонесе за намалување на оптовареноста на скопските клиники и полесен пристап на пациентите до неопходната терапија.