По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, упати честитка до граѓаните во која ја истакна важноста на јазикот како еден од темелите на државноста, институционалното функционирање и заедничкиот општествен живот.
Во честитката, Гаши нагласи дека македонскиот јазик не претставува само средство за комуникација, туку и клучен елемент во работата на институциите и службената комуникација во државата.
Тој посочи дека македонскиот јазик, како дел од јужнословенската јазична група, се развил во јазик на книжевноста, образованието, науката и културата, со значајно место и во поширокиот балкански јазичен контекст.
„Во едно мултиетничко општество како нашето, почитувањето на јазиците и културите на сите заедници е темел на кохезијата и соживотот“, наведува Гаши, додавајќи дека промоцијата на македонскиот јазик оди паралелно со гарантирањето на јазичните права на сите граѓани.
Претседателот на Собранието истакна и дека институцијата останува посветена на унапредување на стандардите во комуникацијата и на создавање поефикасно и поодговорно институционално работење.
Во честитката се апелира за заедничко делување во насока на зачувување, унапредување и промовирање на македонскиот јазик, како и зајакнување на единството и хармонијата во државата.
