Државната комисија за спречување на корупција, денеска, во Клубот на пратеници, го одбележа Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9ти Декември. На тема: Клучни активности и предизвици во градење на систем отпорен на корупција покрај претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, свои обраќања имаа: Адем Чучуљ, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата; Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија; Ола Сулстром, амбасадор на Шведска; Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Едвард Андерсон, шеф на Одделот за сигурност и поддршка на заедниците на Мисијата на ОБСЕ во Скопје; и Александар Кржларовски, претставник на граѓанскиот сектор, Македонски центар за меѓународна соработка. По што следуваше сумирање на дискусијата и беа разгледани следните чекори.
„Ми претставува особена чест и привилегија да ви се обратам денес, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Овој ден не е само симбол, туку и сериозен потсетник дека иднината на една држава зависи од нејзината способност да изгради чисти институции, со интегритет и отчетност.
Корупцијата не е само законски прекршок, туку длабока општествена рана што го допира животот на секој граѓанин, ги разнишува темелите на демократијата и го забавува економскиот потенцијал. Таа е невидливата рака што им ги краде правата и надежите на луѓето. За жал, овој порок е и главната причина зошто нашите најсветли умови ја гледаат својата иднина надвор од земјата. И ова повеќе не е само начин на гледање на реалноста, туку факт потврден во секој меѓународен извештај и во секоја домашна анкета.
Иако се претпоставува дека политиката треба да го подобри животот и да ја гради иднината, трагично е кога една земја ќе дојде до точка каде што за многу граѓани зборот „политика“ се поврзува со зборот „корупција“. Ова е индикатор дека веќе не се соочуваме само со институционален проблем, туку со длабока рана во општествената култура, менталитет кој е вкоренет години наназад преку злоупотреби и разочарувања.
Соочени со ваквата реалност, не е доволна само да реагираме, туку пред се, неопходно е сите заедно да размислиме, отворено да го признаеме предизвикот и храбро да дејствуваме.
И, на оваа раскрсница помеѓу предизвикот и реформата, морам да нагласам дека новата Национална стратегија за спречување на корупцијата 2026–2030 претставува неопходна пресвртница. Таа одразува нова визија за тоа како треба да функционира државата – визија изградена врз сериозна анализа на ризик, врз европските практики, како и врз обемни консултации со институции, експерти, меѓународни партнери и граѓанското општество. Додека Стратегијата се наоѓа во својата најинтензивна фаза на подготовка, сакам посебно да ја истакнам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и да ја реафирмирам целосната поддршка на Собранието за овој процес. Убеден сум дека ниту една стратегија, колку и да е добра, не може да даде резултати без одговорно, активно и независно Собрание во вршењето на своите функции. Собранието е камен-темелник на владеењето на правото и институцијата каде што се поставуваат стандардите за јавен интегритет. Преку законодавната функција, ги затвораме можностите за злоупотреба; преку надзорната функција, ја држиме извршната власт одговорна; а преку претставничката функција, ние сме гласот на граѓаните кои бараат, очекуваат и заслужуваат правда и чесност“, изјави меѓудругото Гаши.
