Гаши вели ќе гласаат, Реџепи дека ќе го блокираат – албанската опозиција нејасна околу Законот за платите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог-законот за субвенционирање на платите на работниците за февруари и март сè уште не помина во Собрание.

Истиот се очекува да пристигне во законодавниот дом во наредниот период. Со оглед на тоа што албанската опозиција веќе почна да го блокира секој закон, како одговор на блокадата на нивниот Закон за државјанство, во емисијата „Клик Плус“, еден граѓанин го праша лидерот на Алтернативата, Африм Гаши – дали ќе го блокираат овој закон или, пак, ќе го поддржат?

Ф.А.: Еден граѓанин кој ја чека платата вели: Дали ќе го поддржите Законот за исплата на платите на работниците за февруари и март кој е во Собрание, бидејќи од Министерството сте добиле известување дека платите само во Собрание треба да заминат сега?

Гаши со одговор дека не е информиран дека има таков закон, но тврди дека ќе го поддржат.

„Во однос на овие случаи, јас реков и на почеток – кога гледаме дека има голем интерес во општеството, ние ги поддржуваме тие барања. Не сум запознаен дека е во процес вакво нешто, мислам дека е апсолвирано тоа. Но, како и да е, ако има такво нешто, ние ќе го поддржиме“, истакна Африм Гаши.

Но, по сите изгледи и овој закон нема да помине. Координаторот на пратеничката група на АА-ААА, Скендер Реџепи, го вели спротивното од она што го изјави Гаши.

„Не само овие пакети, туку секој друг пакет што ќе дојде, секој предлог кој ќе дојде во Собрание без оглед на неговата тежина, ние ќе го блокираме. Причината е едноставна – овие патеки предвидуваат една категорија вработени да добијат од 5-тиот пакет, иако добија од претходните четири. Додека, категоријата граѓани за кои ние го креваме гласот, не добија никаков пакет, тие не се сметаат, тие не се ниту државјани на оваа земја, немаат ниту социјална или економска помош, ниту пак пензија…“, посочи Скендер Реџепи.

Реџепи додава дека нема потреба од менување на ставот, бидејќи одлуката за блокирање за секој закон е донесена на претседателско ниво и верува дека решението за Законот за државјанство би уследило многу побрзо доколку се придржуваат на овој став.

„Доколку има потреба од промена на ставот, секако дека пратеничката група ќе седне заедно со двајцата претседатели, но засега став е ваков и верувам дека таков и ќе остане. Нема потреба да го менуваме, бидејќи ќе отстапиме од принципите, а нашиот е – дека Законот за државјанство треба да започне редовна собраниска процедура, да помине, да ги реши проблемите на граѓаните, а потоа да дискутираме и за други прашања“, додава Скендер Реџепи.

Пратеникот на социјалдемократите, Диме Велковски за блокадата на албанската опозиција вели дека тие дејствуваат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека со или без гласовите на опозицијата ќе изнајдат начин да ги изгласаат законите.

Албанската опозиција вчера во Собрание поднесе над 7.000 амандмани за 10 закони кои се наоѓаат во Комисијата за финансирање и буџет, 2.000 амандмани достави за Законот за прекршоци, а најавуваат дека ќе продолжат со ова темпо.