Георгиевски: Се разгледува референдумското изјаснување на граѓаните за одземање мандат на градоначалниците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски, вечерва најави разгледување на можноста за референдумско изјаснување на граѓаните во врска со одземање на мандатот на градоначалниците, со цел да не се чека до завршување на мандатот ако граѓаните не се задоволни од нивното работење.

„Во минатото, имаше практика за референдумско изјаснување, која беше прекината во 2005 година. Сега ја разгледуваме како опција, но не ги исклучуваме и другите можности. Ова не е прашање само на Орце или некои локални функционери, туку се работи за промени во системот кои долгосрочно ќе ги решаваат проблемите. Треба да развиеме механизам кој ќе им овозможи на граѓаните да реагираат во вакви околности“, изјави Георгиевски во вечерашното гостување на „Тема на денот“ на Сител.

Тој нагласи дека според постоечките законски регулативи, Владата нема можност да одземе ингеренции од градоначалниците и посочи дека работна група работи на измените на Законот за локална самоуправа.

„За да се одземаат ингеренции, потребно е законско решение. Се покажа дека во моменталната регулатива Владата нема можност да интервенира, па поради тоа имаме специјална работна група која работи на измените на Законот. Овие аномалии од минатото треба да се отстранат. Не станува збор само за одземање ингеренции, туку и за нови начини на предвремено одземање на мандатот на градоначалниците, без редовен изборен процес. Во минатото, не беа направени потребните интервенции во Законот за локална самоуправа. Сега е вистинскиот момент за тоа“, рече Георгиевски.

Тој истакна дека измените не можат да се реализираат преку ноќ и дека процесот ќе биде долг.

„Но, мора да започнеме. Верувам дека на крајот ќе биде донесено законско решение кое ќе спречи повторување на ситуации како сегашната со Арсовска во Скопје“, додаде тој.

Георгиевски повтори дека има амбиција да се кандидира за градоначалник на Град Скопје на наредните локални избори, но нагласи дека конечната одлука ќе зависи од неговата политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас имам таа амбиција и не планирам да се откажам. Изминатите три години покажав како успешно да се управува општина како Кисела Вода, која порано имаше долг од над 3,5 милиони евра. Покажавме систематски пристап во решавањето на проблемите на граѓаните. Верувам дека мојата партија ќе спроведе анкети во наредниот период и сум уверен во поддршката од граѓаните на Скопје“, заклучи Георгиевски.