Германскиот претседател во божиќното обраќање: Падот на владата не значи крај на светот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во своето божиќно обраќање ги повика граѓаните на Германија да се обединат и да ја отфрлат омразата.

„Омразата и насилството не смеат да го имаат последниот збор. Да не се делиме, да бидеме заедно“, порача германскиот претседател во своето обраќање до граѓаните на Германија.

Осврнувајќи се на петочната трагедија, кога Саудиец од непознати причини на божиќниот пазар во Магдебург уби пет лица и повреди повеќе од 200 луѓе со својот автомобил, тој рече дека во моментов владее несигурност и страв кај многу германски граѓани.

„Сите овие чувства се разбирливи, но не смеат да не совладаат и парализираат“, рече Штајнмаер.

Во својата порака, која на самиот Божиќ ќе се емитува на јавната телевизија, германскиот претседател се осврна на изминатата политичка година во Германија и падот на коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц.

„Иако сегашната влада предвреме ја заврши својата работа, тоа не значи крај на светот. Германскиот устав има решение за вакви случаи“, рече Штајнмаер.