Германските трговци имаат проблем со крадците: Украдена стока вредна 2,8 милијарди евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Трговците на мало во Германија имаат сè поголем проблем со крадците – Институтот за истражување на пазарот (EHI) проценува во новото истражување дека крадците минатата година украле стока вредна 2,8 милијарди евра од продавниците на мало.

Штетата е за значителни 15 отсто поголема од претходната година. Најчеста мета на крадците се продавниците за храна и облека, како и аптеките.

Главниот автор на студијата, Френк Хорст, честото прибегнување кон кражби само делумно го припишува на кризата и финансиските проблеми на луѓето, пренесува ДПА.

Според него, проблем е немањето квалификувана работна сила во малопродажбата.

„Многу продавници денес немаат доволно персонал, а тоа е олеснување за крадците. Самото присуство на персонал ја обесхрабрува кражбата“, рече Хорст.

Крадците најчесто земаат жестоки пијалаци, тутунски производи, козметика, жилети, енергетски пијалоци, храна за бебиња и кафе. Често се крадеше месо, месни производи и сирење.

Најголем дел од сторителите се повремени крадци, но околу една четвртина се професионални крадци кои функционираат и во организирани банди.