Ги нема во АХВ, а добиле тендер од 1,5 милиони – добиваат по 300 евра од „уловено“ куче од Тетово, а каде ги носат никој не знае

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако од општина Тетово доби тендер вреден 1.5 милиони денари, Здружението „Амос Пет“ нема регистрирано прифатилиште за кучиња скитници. Телевизија ТВ21 се обрати до Агенцијата за храна и ветеринарство, за да добие податоци дали ова здружение поседува дозвола за прифатилиште, согласно законот. Од таму ни рекоа дека не фигурира на нивната листа.

-Секое прифатилиште кое врши контроли и згрижува кучиња треба да има одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство. Бидејќи оваа компанија не е на списокот на прифатилишта одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, ние не извршивме контрола во овој субјект. Поради тоа што овој субјект нема одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство, оценуваме дека субјектот не е специјализиран за контрола на кучињата скитници-велат од АХВ.

Но, каде се чуваат и третираат кучињата за кои се грижи Здружението „Амос Пет“?

ТВ21 од здружението ги побара имињата на стационарите, но не ги добивме со образложение дека станува збор за приватни компании кои не сакаат да се експонираат во медиуми. Испративме и прашање, но досега не добивме никаков одговор од „Амос Пет“.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство ја добивме листата на фирми кои се овластени да згрижуваат кучиња скитници. Вакви компании се вкупно 18 на број, од кои три во Скопје, две во Куманово, по една во Тетово и Гостивар, а другите се во други градови.

Во Тетово компанијата која има дозвола за згрижување на кучиња е “Dog&Cat“, но во телефонски разговор ни рекоа дека немаат договор со Здружението „Амос Пет“. Истото ни го кажаа и од двете компании во Куманово – „Тодор Велков“ и „Ино-Вет“. Стапивме во контакт и со двата субјекта од Скопје, но и од „Лајка“, и од “ВиниВет Плус“ ни рекоа немаат никаков договор со горенаведеното здружение. Третата компанија, која не успеавме да ја исконтактираме е „Вет Медика Зови“, но овој субјект има простор за згрижување на само 4 кучиња, а неодамна од „Амос Пет“, рекоа дека згрижиле 8 кучиња бездомници.

Го прашавме и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами – дали е запознаен со тоа дека здружението што го добило тендерот за третман на кучињата скитници нема свој стационар и не фигурира на листата на Агенцијата за храна и ветеринарство? Касами вели дека одговор и одговорност мора да даде здружението.

-Целиот процес беше направен согласно законот. Тоа беше тендер на кој секој може да конкурира. Како ги третира компанијата и што ќе се случи понатаму, е нивна одговорност, согласно договорот што го имаме од моментот кога ќе ги преземат кучињата во своја сопственост.  Како и секој граѓанин мора да дадат отчет како ќе постапат со тие кучиња. Договорот е во согласност со тендерска постапка, транспарентна за јавноста. Ако Агенцијата за ветеринарство има дилеми и сомнежи мора да одат и да побараат информации од здружението-вели Касами.

Тендерот што го доби здружението „Амос Пет“ предвидува за третирање на секое куче да добие по 300 евра. Согласно тендерот треба да бидат згрижени 82 бездомни кучиња во период од 12 месеци. ТВ21 неколкупати побара од ова здружение да каже каде ги носи кучињата што ги заловува во Тетово, но не добивме конкретна адреса. Всушност, во последниот одговор „Амос Пет“ ни кажа дека ќе можеме да ги снимаме кучињата откако ќе се рехабилитираат и бидат подготвени за дома, бидејќи не е пожелно да се изложуваат на поголем стрес, по една болна приказна на улица.