Го запреле поради брзо возење, па се обидел да ги поткупи полицајците – приведен Македонец во Србија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сообраќајната контрола на автопат во близина на Краљево завршила со апсење на македонски државјанин, кој е осомничен дека се обидел со пари да избегне санкција за направени сообраќајни прекршоци.

Според српското Министерство за внатрешни работи, станува збор за 43-годишниот З. А., кој бил приведен од припадници на Управата за криминалистичка полиција и Службата за борба против корупцијата.

Акцијата била спроведена по налог на Посебното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Краљево.

Според сомнежите на истрагата, македонскиот државјанин на сообраќајните полицајци им понудил пари за да не му биде издаден прекршочен налог.

Претходно, полицајците го запреле додека управувал патничко возило на автопатот. При контролата било утврдено дека ја надминал дозволената брзина, а дополнително се движел по левата сообраќајна лента иако десната лента во тој момент била слободна.

Наместо да ја прифати предвидената санкција за прекршоците, според наводите на српските власти, тој се обидел да ги убеди полицајците да не постапат со понуда на пари.

Поради сомнението за кривично дело давање поткуп, 43-годишниот македонски државјанин бил лишен од слобода.

На З. А. му е определено задржување до 48 часа. По истекот на мерката, тој треба да биде спроведен пред надлежното обвинителство во Краљево, заедно со кривичната пријава.

Конечната одлука за неговата одговорност ќе биде донесена во понатамошната постапка пред надлежните институции.