Годишно обраќање на Сиљановска во Собранието: „Да внимаваме од европскиот процес да не излеземе како старецот на Хемингвеј“

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Своето годишно обраќање претседателката Сиљановска го започна со трагедијата во Кочани за која што рече дека овој немил настан со ужасни последици ја донесе земјата до колективна тага и траума. Барањата на родителите за правда се легитимни и се од исклучително значење и судството е тоа што треба да ја донесе правдата, истакна таа.

„Ја разбирам болката на семејствата на настраданите, го разбирам нивниот оправдан гнев и бес. Нивните барања за вистина, за одговорност и за правда се апсолутно легитимни. Единствениот легален начин како државата може да ги задоволи легитимните барања на семејствата е преку почитување на Уставот и законите“, изјави Сиљановска-Давкова.

Сепак најголем дел од својот говор Силјановска го посвети на евроинтегративниот процес на земјава и блокираниот европски пат. Рече дека и покрај тоа што имаме постојани резултати, нашиот проблем не се копенхагенските критериуми, туку уставните измени. Ако Европската унија има решение за Украина мора да најде и за нас, нагласи Силјановска.

„На вагата на Европската унија, чинам дека нашите уставни измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми со уште една уставна промена ние ризикуваме од овој процес да излеземе како што старецот на Хемингвеј излезе од морето со костур од риба, со соголен изглодан суверенитет идентитет, национален и културен“, изјави Сиљановска-Давкова.

Силјановска ги спомна и информациите околу можно прифаќање на мигрантите, но не рече дека такво нешто не постои, туку доколку се тие проблем за Британија, за нас би биле уште поголем и дека затоа би требало да се внимава. Таа го пофали и проектот сејф сити, кој рече дека е многу важен за сообраќајната безбедност. И овој пат го отвори проблемот со иселувањето на младите, но и за политиките за нашите иселеници.