Британското Министерство за образование (DfE) беше цел на голем хакерски напад, при што биле украдени околу 607.000 записи со податоци од корисници и организации.
Според британските власти, меѓу компромитираните информации има телефонски броеви и е-пошта адреси на поединци и организации, но не и банкарски податоци или други чувствителни лични информации.
Нападот ги погодил порталот на програмата „Туринг“, која финансира меѓународна образовна соработка, како и онлајн корисничката служба на Министерството. Од институцијата наведуваат дека ризикот за засегнатите лица е низок и дека нападот бил брзо ставен под контрола.
Министерството потврди дека работи заедно со Националниот центар за сајбер безбедност, Националната агенција за криминал (NCA) и Канцеларијата на комесарот за информации за целосно расчистување на случајот.
„Имаме строги процедури за заштита на информациите и брзо реагиравме за да го запреме овој инцидент. Станува збор исклучиво за контакт-податоци поврзани со корисничката служба и немало пристап до други информации“, соопшти портпарол на Министерството за образование.
Од Националната агенција за криминал соопштија дека истрагата е во тек и дека во соработка со партнерските институции се утврдуваат околностите и обемот на сајбер нападот. Се очекува погодените системи повторно да бидат целосно функционални до крајот на неделата.
