Голем кибер напад извршен врз сервери на белгиското МВР

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Белгиското Министерство за внатрешни работи било цел на сложен и добро насочен кибер напад, но сторителите не успеале да ги добијат најчувствителните податоци, изјави синоќа портпаролот на Министерството за јавната телевизија РТБФ.

Директорот за комуникации на министерството, Оливие Меренс, рече дека станува збор за операција „кибер-шпионажа“, но дека криминалците не успеале да се здобијат со најчувствителните податоци складирани на добро заштитени сервери. Федералното обвинителство започна истрага за да се утврди потеклото на операцијата, какви податоци се украдени и дали странска земја е вклучена во операцијата.

Кибер нападот е откриен во март, но според белгиските експерти започнал во 2019 година.

Голем кибер напад, што ја блокира сервисот ја погоди мрежата Belnet на почетокот на мај, што ги поврзува високообразовните институции и универзитетите, истражувачките центри и јавните администрации. Но, операцијата спроведена против белгиското Министерство за внатрешни работи немала за цел барање за откуп. Експертите велат дека операцијата била посложена и насочена, па затоа се разгледува и можна шпионажа.