Големи поплави во Бангкок, се откажуваат летови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Големите поплави што парализираа голем дел од Бангкок го нарушија меѓународниот воздушен сообраќај, објавија денеска властите во главниот град на Тајланд.

Авиокомпанијата „Тај ервејс“ објави дека до утре ќе мора да откаже повеќе од десет летови. Освен домашните линии, погодени се и меѓународните летови.

Главниот меѓународен аеродром „Суварнабхуми“ и постариот „Дон Муанг“ останаа отворени, но патниците можат да очекуваат значителни доцнења поради поплавите, се наведува во соопштението.

Тајландската Агенција за цивилно воздухопловство- CAAT ги повика патниците да ја проверат состојбата на своите летови пред да заминат за аеродромот и да си дозволат значително повеќе време за патувањето.

Посебно се погодени услугите на аеродромот „Суварнабхуми“ бидејќи персоналот тешко стигнувал до работа. 

„Тај ервејс“, со помош на војската, ангажираше дополнителен персонал за сортирање и доставување на багажот.

Бангкок е силно погоден по неколкудневните обилни дождови. Според податоците на градската администрација, околу 329.000 домаќинства, или околу 700.000 луѓе, беа погодени во различни делови од градот.

Низ целата земја, повеќе од 576.000 домаќинства со околу 1,79 милиони луѓе беа погодени од поплавите, според официјалните лица. Властите објавија дека од средината на септември, најмалку осум лица загинаа како резултат на поплавите.