Македонија енергетски е во исклучително добра состојба и нема предизвик во однос на гасот – оцени премиерот Христијан Мицкоски. Вчера разговарал со поголемите нафтени компании и потсети дека државата не е голем потрошувач на гас, како и дека имале план.
„Вчера разговарав со поголемите нафтени компании. Добро е што имаме план, добро е што цевководот, односно продуктоводот функционира, работи, добро е што го пуштивме, таму имаме количини не само за нас, туку имаме количини и за соседите.Така што ние во овој момент, од денешна оптика ако ги гледаме работите, ние немаме таков предизвик, но да во Европа ќе има озбилен предизвик и очекувам озбилни предизвици“, порача Христијан Мицкоски.
Според премиерот, нормализацијата на снабдувањето во глобални рамки би можело да се очекува дури напролет.
Мицкоски е убеден дека цената на електричната енергија кај нас ќе остане иста. Вели се разгледува какви се можностите в година да се продолжи и периодот на евтина тарифа.
„Кај нас состојбата е стабилна, за разлика од другите земји, не воведуваме забрана за извоз, не воведувме ниту посебни мерки, напротив. Имаме јасен план и стратегија што треба да правиме и резултатите од тоа се дека имаме најниска цена на енергенсите, тука пред се мислам на горивата, дизел и безоловниот 95 во Европа,ако се изземат руската федерација и Белорусија. Исто така едно од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа. Се бориме таа цена да остане иста и убеден сум дека ќе остане иста“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот кажа и дека очекува добри вести од американската ДФЦ за финансирање на „Чебрен и Галиште“ како македонски државен проект. Вели ако се биде како што треба, може да се очекува следната година да биде ставен камен-темелник.
