Големи руски напади со дронови и ракети го погодија Киев и други градови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Русија во текот на ноќта изврши еден од најголемите воздушни напади врз Украина од почетокот на војната, користејќи ракети, хиперсонични проектили и стотици беспилотни летала. Според украинските власти, најмалку 11 лица загинале, а повеќе од 100 се повредени во нападите врз Киев и други украински градови.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападите биле извршени како одговор на, како што наведуваат, „терористички акти на режимот во Киев“. Во соопштението се наведува дека руските вооружени сили употребиле високопрецизно оружје со долг дострел, лансирано од воздух, море и копно, како и хиперсонични ракети и дронови.

Според Москва, цел на нападите биле објекти поврзани со украинската одбранбена индустрија, воени аеродроми, транспортна инфраструктура и складишта за гориво во седум украински региони, меѓу кои Киев, Запорожје и Харков.

Од украинска страна беше соопштено дека Русија во текот на ноќта лансирала 73 ракети и дури 656 дронови. Украинските воздухопловни сили тврдат дека успеале да соборат или неутрализираат 40 ракети и 602 беспилотни летала.

Главна цел на нападите бил главниот град Киев, каде што се регистрирани повеќе експлозии и пожари. Меѓу погодените објекти се станбени згради, медицинска клиника и други цивилни објекти. Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ракета погодила 24-катна станбена зграда, при што дошло до уривање на дел од објектот и постои можност лица да останале затрупани под урнатините.

Нападите предизвикале прекин на електричната енергија за околу 140.000 жители на Киев. Енергетската компанија ДТЕК соопшти дека снабдувањето веќе е обновено за повеќето домаќинства, додека двајца нивни работници биле повредени.

Украинските власти соопштија дека покрај Киев, силно погодени биле и градовите Днипро и Харков. Во Днипро загинале најмалку шест лица, а десетици други се повредени. Фотографии од теренот покажуваат уништени станбени објекти, изгорени возила и оштетени детски игралишта.

Портпарол на украинските воздухопловни сили изјави дека во нападот биле употребени и осум хиперсонични ракети „Циркон“, што би било најголемата досега регистрирана употреба на овој тип оружје во војната. Според руските податоци, ракетите имаат дострел од околу 1.000 километри и достигнуваат брзина девет пати поголема од брзината на звукот.

Во меѓувреме, и Русија пријави напади на своја територија. Нафтената рафинерија Илски во Краснодарскиот регион се запалила по напад со дрон, додека во Белгородската област е повредено 11-годишно момче. Руските власти соопштија дека во текот на ноќта биле соборени 148 украински дронови.

Нападот следува откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои можност за голем руски воздушен удар. Минатата недела Кремљ најави „систематски напади“ врз цели во Киев како одговор на напад врз студентски дом во Луганск, кој е под руска контрола. Украина ги негираше обвинувањата за тој напад.