Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска на прес-конференција презентираше детален отчет за сработеното во изминатиот период, нагласувајќи дека постигнатите резултати не се случајни, туку производ на чесна, одговорна и посветена работа во интерес на граѓаните.
„Тоа што го постигнавме за толку кратко време е резултат на работа, а не на личен интерес. Ова не е мој успех, туку успех на сите скопјани кои веруваа дека можеме поинаку. Наследивме долгови, хаос и разочараност, но градиме иднина, воспоставуваме ред и ја враќаме надежта“, порача Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека неговиот мандат не е за удобност, туку за суштински промени.
Тој истакна дека ја презел најтешката одговорност во историјата на градот – да го извлече Скопје од колапс, хаос и финансиски долгови создадени со години неодговорно управување. Според него, при преземањето на функцијата затекнале урнат систем, град на раб на банкрот и јавни претпријатија со блокирани сметки, неисплатени плати и нефункционална механизација.
„Во буџетската каса имаше реално само осум милиони денари, а нè чекаа извршни решенија од 48 милиони. Долговите изнесуваа речиси 300 милиони евра. Наместо изговори, засукавме ракави“, рече градоначалникот.
Ѓорѓиевски информираше дека за само два месеца се намалени над 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, а паралелно е започната најголемата инвестициска офанзива досега. Донесен е ребаланс на Буџетот за 2025 година, засилена е наплатата на приходите и воведена строга финансиска дисциплина. Нормализирана е исплатата на платите во повеќе јавни претпријатија каде што доцнеа по две плати, а Буџетот за 2026 година е усвоен во износ од 5,2 милијарди денари, што е зголемување од 12 проценти.
„За првпат по долги години, Град Скопје има повеќе пари отколку обврски. Пренесовме вишок од 482,9 милиони денари и токму затоа можевме да започнеме со сериозни капитални инвестиции“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека капиталните вложувања се зголемени за 33,4 проценти, а јануари 2026 година е најуспешниот јануари досега по приходи и реализација.
Во делот на урбанизмот и животната средина, тој најави изградба на мини-паркови низ градот и мега-паркот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Бутел, кој, како што рече, ќе стане новото зелено срце на Скопје. Значајни инвестиции се реализираат и во образованието, со нови спортски терени, реконструкции на училишта, дигитализација на наставата, енергетска ефикасност, како и воведување бесплатна психолошка поддршка и училишни униформи за прва година.
Ѓорѓиевски информираше дека се откочени и клучни инфраструктурни проекти што со години стагнирале, меѓу кои клучката кај Момин Поток, булевар Македонија, булевар Борис Трајковски, како и реконструкциите на улиците Фрањо Клуз и Перо Наков. Дополнителни 150 милиони денари се обезбедени за рехабилитација на помали улици, а средства има и за нови булевари и сообраќајни решенија.
Во јавните претпријатија, според него, започната е обнова каква што Скопје не памети – со набавка на нови специјални возила, подобрување на јавната хигиена, воведување ред во зонското паркирање и изградба на монтажни гаражи, вклучително и кај Клиничкиот центар. Посебно го истакна и откочувањето на најголемиот еколошки проект – пречистителната станица за отпадни води, вредна околу 185 милиони евра.
Градоначалникот најави и обновување на зелената инфраструктура, проширување на капацитетите на „Лајка“, инвестиции во културата и враќање на луна-паркот, кој треба да биде завршен во втората половина на 2027 година.
„Паралелно ги намалуваме долговите – тековните обврски, кредитите и долговите на јавните претпријатија се значително скратени. Ова е само првиот чекор кон целосна стабилизација“, рече Ѓорѓиевски.
На крајот, тој им се заблагодари на граѓаните кои редовно го плаќаат данокот на имот, информирајќи дека се преземени мерки за блокирање на сметки на должници и упати апел во наредните 15 дена да се подмират обврските за изминатите години.
„Ред мора да има. Секој наплатен денар значи повеќе проекти и подобар, помодерен и достоинствен град. Нема да дозволиме Скопје никогаш повеќе да биде ограбувано, запоставувано и уништувано“, порача градоначалникот.
