На Универзитетската клиника за детски болести повторно заѕвони победничкото ѕвонче – симбол на успешно завршеното лекување. Овојпат, ѕвончето го означи крајот на една тешка животна битка за малата Ана.
Од Министерството за здравство ја споделија радосната вест, истакнувајќи дека секое ѕвонење претставува победа на детската храброст, семејната љубов и посветеноста на здравствените работници.
„На Ана ѝ посакуваме многу здравје, среќа, насмевки и безгрижно детство. Браво, Ана! Твојата победа денес е радост за сите нас“, порачаа од Министерството.
Победничкото ѕвонче на Клиниката традиционално го означува завршувањето на лекувањето на децата кои успешно ја надминале својата болест, претставувајќи симбол на надеж, сила и нов почеток.
