Ѓорѓиевски ретерира за Кацаров: „Тој е само привремено решение, за директор на Универзална ќе има нов оглас“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски се повлече од одлуката за прв човек на Универзална сала да го постави водителот Миро Кацаров и сега вели дека тој е само привремено решение. Тој ова го изјави по реакциите во јавноста откако Кацаров беше назначен да раководи со Универзална, за кого Ѓорѓиевски вели дека донел таква одлука затоа што пропаднал огласот кој претходно бил распишан.

-Универзална сала има в.д. директор, како што знаете и самите од редот на вработените тоа е Миро Кацаров. Таму имавме спроведено повик којшто пропадна и мораше да се назначи в.д. директор од вработените внатре во институцијата, а во наредниве 7 дена ќе биде спроведена постапка за повторно да биде избран нов директор, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Со свој коментар се огласи и Кацаров, кој вели дека тој е вработен во Универзална сала од 2019 и дека е логично некој од таму да биде поставен на оваа функција.

-Како вработен овде, знам како треба да се менаџира, ги знам и лошите и добри аспекти исто како и моите колеги, зашто ние вработените сме белите дробови на Универзална. Јас сум привремено поставен на ова место за да можат да земат вработените плата. Ако нема одговорен на оваа функција нема да можат да земат, изјави Миро Кацаров, в.д. директор на Универзална сала.

Кацаров беше назначен за в.д. директор на Универзална сала по одлука на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, откако на Горјан Христовски, кој претходно ја извршуваше функцијата му престана мандатот. Универзална сала започна да се обновува откако изгоре целосно во пожарот што избувна во април 2024 година.