Ѓорѓиевски во „Клик Плус“: „Не сум ветил дека преку ноќ ќе направам чуда, ама нема да штитам никого“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не можам и не сум ветил дека преку ноќ ќе направам чуда затоа што тоа е невозможно и неодговорно од политичар да го каже. Ова го изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во интервју за Клик Плус. Како што вели тој, многу проблеми се наследени од неговата претходничка, но чекор по чекор ќе ги решава еден по еден. Тој порача дека нема да се доведе во позиција некого да штити, особено ако тој го загрозува здравјето на граѓаните, мислејќи на загадениот воздух.

-Сакам на граѓаните многу искрено една работа да им порачам вечерва, а тоа е да имаат трпение. Јас знам, сите го живееме овој проблем години наназад, децении наназад го живееме. Но, не можам и не сум ветил дека преку ноќ ќе направам чуда, затоа што тоа е невозможно и неодговорно политичар да го каже. Но, дека постапувам, да бидат убедени, дека Орце Ѓорѓиевски, ниту Градот Скопје во наредните четири години нема никогаш да се доведе во позиција некого да штити, особено во услови ако некој го труе нашиот народ, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.

Застарeниот возен парк на ЈСП е посочен како една од причините за загадениот воздух, пред се поради тоа што поради нефункционалниот превоз голем број на граѓани користат приватни автомобили. Ѓорѓиевски очекува следната година нови автобуси.

-Цврсто сум убеден дека Владата ќе ги испорача автобусите коишто ги вети дека ќе пристигнат за Град Скопје, а благодарение на тоа нивно ветување, јас ги ветив заедно со поддршка на Владата дека ќе се испорачаат во првата половина од наредната година. Така да сум убеден дека автобусите ќе пристигнат првата половина од наредната година, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.

Ѓорѓиевски во Клик Плус воедно зборуваше и за постапката на Обвинителството, кое поднесе обвинение за две лица за несобирањето на отпадот во градот, пред тој да дојде на власт, потенцирајќи дека сето тоа било смислено сценарио од неговата претходничка.