Во Гостивар се отвори Младински центар на ресурси кој е прв од ваков вид во Македонија и кој ќе им служи на младите од целиот регион. Центарот ќе нуди многу можности и разни обуки и за лицата со посебни потреби. На отворањето присутен беше градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, ректорот на УЈИЕ Абдулменаф Беџети, амбасадорката на Швајцарија во Македонија и претставничката на УНДП.
„Фактот што Полошкиот регион е доста активен на пазарот на трудот покажува дека минатата година со активните владини мерки, основани се 231 нови бизниси од кои 80 се основани од млади луѓе.“, вели НАрине Сахакијан од УНДП Македонија.
„Јас пред малку го видов новиот центар и со сите потреби кои ги има општина Гостивар и центарот, се предвидува да биде центар за Полошкиот регион и овој центар треба да биде функционален и да биде поддршка на општина Гостивар со сите можности што ги поседува.“, рече Таравари.
„Сите знаеме дека младите се важен дел во општеството и тие се водачи на промените во секоја земја. Овој центар нуди добри можности да добијат пракса и да разменат знаења со другите.“, рече Сибиле Сутер, Амбасадорка на Швајцарија.
„Драго ми е што сме дел на оваа обука, за обука на младите генерации, за поврзување на знаењето и праксата и јас сакам токму тоа да го направиме“, рече Абдулменаф Беџети.
Координаторот на проектот Азир Алиу рече дека во овој центар освен можностите што им се нудат на младите, посебен простор и соодветни обуки ќе им се нудат и на лицата со посебни потреби. Центарот е дел од проектот “Создавање можности за работа за сите“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и се спроведува од Програмата на Обединетите нации за развој во соработка со локалните партнери и Министерството за труд и социјална политика.
