Според графичкиот приказ со дневните податоци за пациентите кои побарале лекарска помош во Општата болница и Здравствениот дом во Гостивар, што го објави Министерството за здравство, епидемијата во градот е во опаѓање.
Како што покажуваат податоците, најголем број пациенти биле регистрирани на 18 јули, кога лекарска помош побарале 649 лица. Вчера, на 24 јули, биле евидентирани само 80 нови случаи.
„Денеска имаме околу 80 новопријавени пациенти, што е двојно помалку од претходните бројки и дефинитивно сме во надолен тренд. Вкупниот број заболени е околу 4.000. Досега се поднесени 750 пријави за заразни болести, а анкетирани се 490 лица. Можам да кажам дека епидемијата влегува во фаза на смирување и започнува целосна епидемиолошка анализа за утврдување на хронологијата на настаните“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој апелираше граѓаните да не се лекуваат на своја рака и да не земаат терапија без консултација со лекар. Секој што има симптоми треба да се јави кај својот матичен лекар, кој ќе ја одреди соодветната терапија.
Иако премиерот Христијан Мицкоски неделава изјави дека, доколку сè се одвива според планот, граѓаните би можеле повторно да добијат вода до крајот на неделата, министерот Клековски денеска посочи дека анализите сè уште не покажуваат доволно ниво на резидуален хлор.
„Управувачкиот комитет работи на ова прашање. Вчерашните резултати беа недоволни, бидејќи за водата да биде безбедна потребно е да има соодветно ниво на хлор. Засега тоа ниво не е достигнато. Редовно се вршат анализи на повеќе мерни места и кога хлорирањето ќе биде на потребното ниво, ќе биде издадена дозвола за техничка употреба на водата“, рече Клековски.
Министерот додаде дека во системот за рано предупредување за инфекциите во Гостивар е забележано доцнење од три до четири дена. Во тек е детална анализа на медицинските податоци и пријавите за да се утврди точната хронологија на настаните и евентуалната одговорност. Според него, истрагата ќе се темели на стручни факти и независни анализи, со цел да се откријат системските слабости и да се спречат идни слични епидемии.
