Бесплатен безжичен интернет со брзина од 200 мегабити во секунда е достапен на 72 локации во 64 општини низ Македонија, преку проект поддржан од Европската Унија и Германија.
Досега услугата ја користеле над 200.000 уникатни корисници, а преку мрежата се пренесени повеќе од 115 терабајти податоци.
Резултатите беа презентирани на завршниот настан на проектот „ЕУ за Западен Балкан – Wi-Fi во Македонија“.
Евроамбасадорот Михаил Рокас истакна дека иницијативата е значаен пример за европска соработка и унапредување на дигиталната поврзаност.
Тој посочи дека посебно внимание треба да се посвети на руралните и планинските подрачја, каде што интернет-покриеноста сè уште е недоволна.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер нагласи дека бесплатниот јавен Wi-Fi обезбедува еднаков пристап до информации, образование и јавни услуги за сите граѓани.
Според неа, пристапот до дигиталните технологии не смее да зависи од местото на живеење или финансиските можности на граѓаните.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека првичниот план бил проектот да опфати околу 40 општини.
Сепак, поради големиот интерес од локалните самоуправи, проектот бил проширен на вкупно 64 општини и 72 локации.
Андоновски оцени дека над 115 терабајти пренесени податоци се потврда дека воспоставената инфраструктура активно се користи.
Како можни локации за следната фаза на проектот ги посочи Свети Наум, Дебарското Езеро, Маврово и Кокино.
Проектот го спроведува ГИЗ во координација со Министерството за дигитална трансформација и „Македонски телеком“.
Целта е да се намали дигиталниот јаз и да се овозможи полесен пристап до интернет за граѓаните и посетителите.
Иницијативата е дел од пошироката стратегија за развој на дигиталната инфраструктура и поврзаноста во земјата, во рамките на националната стратегија „Смарт МК 2030“.
