Говор на омраза, но од каде доаѓа? Мицкоски прифаќа лидерска само ако ја закаже Заев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Додека македонските власти повикуваат да се намали говорот на омраза кон Бугарија, од источниот сосед доаѓаат низа навреди и тоа од високи претставници на бугарската влада. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева без проблем вели за нас дека сме тоталитарен режим, а вицепремиерот Каракачанов по контроверзното интервју на Заев за БГНЕС рече дека му дошол акалот, сега со најнова навреда дека македонската комисија која на нарече таканаречена комисија, се однесувала како магариња на мост. За нив македонскиот јазик е таканаречен македонски јазик. До кога Македонија ќе го толерира ваквиот однос на Бугарија која пак, постојано обвинува дека говорот на омраза доаѓал од наша страна.

„Ова е навреда и ги повредува нашите чувства, нормално, секако остануваме на апелот да се воздржуваме од провокации и од навреди заради тоа што, навистина тоа не носи никаде, тоа не носи повторно во изолација едни со други, во непријателства или слично.“, рече Заев.

Заев најави дека до крајот на годинава ќе иницира лидерска средба доколку тоа претседателот на државата Стево Пендаровски не го направи. На неа покрај друго најави и дека ќе се расправа и со отворените прашања со Бугарија. Шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека чека покана од Заев, но не од Пендаровски.

„Не нема да учествувам на таква средба која што би дошла по иницијатива на Стево Пендаровски. Доколку седнат политичките партии и дојде на иницијатива од страна на Владата – да ќе ја прифатам и ќе учествувам на таква.“, изјави Мицкоски.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров в среда заминува за Брисел каде ќе се одржи нов амбасадорски состанок на чиј дневен ред ќе бидат ставени заклучоците за проширувањето на Европската унија, која претходно беа отстранети поради блокадата на Бугарија за преговорите на Македонија со Унијата. Со ова Германија прави последен обид во рамките на германското претседателство со Унијата да го врати прашањето за почеток на преговорите на Македонија и Албанија годинава.

„ЕУ мора да си го исполни ветеното и да испорача. Пристапниот процес не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена ЕУ членка од него прави заложник на сопствените билатерални барања“, вели Рот.

Во меѓувреме шефот на државата Пендаровски во интервју за ЕУ Обсервер рече дека е историски нон-сенс тврдењето дека целата наша историја до 45-та е бугарска. За јазикот и идентитетот, кој според бугарската позиција, биле создадени на основа на бугарски корени, не може да се дискутира, изјавил Пендаровски.