Град Скопје го намалува бројот на планирани нови вработувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Помал број нови вработувања во јавните претпријатија и установи под надлежност на Град Скопје е предвиден со одлуката што денеска ја донесе Советот на Град Скопје.

Од Градот информираат дека со оваа одлука се прави оптимизација на бројот на вработени, при што фокусот ќе биде ставен на работните места за кои постои реална потреба и кои се директно поврзани со секојдневното функционирање на градот и обезбедувањето услуги за граѓаните.

Приоритет ќе има оперативниот и теренскиот кадар, особено возачите во ЈСП Скопје, работниците и возачите во ЈП „Комунална хигиена“, како и други позиции неопходни за непречено одржување на градските услуги.

Од друга страна, административните вработувања ќе бидат сведени на минимум. Од Град Скопје велат дека на овој начин ресурсите треба да се насочат кон областите каде што се најпотребни – јавниот превоз, одржувањето на хигиената, парковите и останатите услуги што граѓаните ги користат секојдневно.

„Секој денар од граѓаните мора да има јасна цел, а секое работно место вистинска потреба и конкретна работа. Скопјани заслужуваат функционален јавен сектор кој ќе ја оправда нивната доверба со квалитетни и навремени услуги“, порачаа од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека со преструктурирањето се очекува поефикасно работење, порационално користење на јавните средства и подобро насочување на човечките ресурси кон клучните градски услуги.