Град Скопје денеска организираше бесплатен разглед на Матка и Врело, можност за граѓаните да уживаат во една од најголемите атракции на градот. Со организиран автобуски превоз и професионални туристички водичи од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници, граѓаните ги запознаваа овие убавини и можеа да слушнат повеќе за нивните особености.
„Некои од најголемите природни богатства се токму тука, на дофат на секој скопјанец. Наша обврска е да ги чуваме, а моја желба е што повеќе граѓани лично да ја доживеат убавината со која Скопје се гордее… Зашто посебно е чувството кога убавината за која слуша светот ја гледаш со свои очи и знаеш дека е дел од твојот град“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека вакви бесплатни разгледи ќе се организираат почесто, за што повеќе граѓани, од сите генерации, да ги запознаат убавините на Скопје и да создадат нови спомени.
„Преку овие посети ќе ја зајакнуваме и свеста за зачувување на природното наследство што им го оставаме на нашите деца. Скопје има богатства што заслужуваат да бидат видени, доживеани и сочувани. Да го запознаеме со восхит, да го чуваме со одговорност и да го сакаме со дела“, рече Ѓорѓиевски.
