„Се наоѓаме во центарот на Скопје, зградите кои се зад мене речиси 10 години се градат но се уште не се завршени“, вели репортерката на ТВ21.
Граѓаните се незадоволни, како што велат, овие згради го нарушуваат изгледот на најголемиот плоштад во Скопје.
Овие објекти во 2011 почна да ги гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас а по неговото апсење во 2015 во Грција, проектот го доби рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко но оттогаш работите се стопирани.
Прашавме во неколку институции, но ниедна не даде конкретен одговор. Од Владата на РСМ за ТВ21 истакнаа дека одговор треба да се бара во општина Центар.
„Целата документација е предадена во Општина Центар. Со процесот на децентрализација општината ги презема ингеренциите со менаџирање со државното градежно земјиште“, вели Владата.
И ОД Град Скопје топката ја префрлаат на општина Центар.
Од општина Центар за ТВ21 велат дека земјиштето е отуѓено од Република Македонија односно од Министерството за транспорт и врски во април 2011 со цел изградба на хотелски комплекс на едниот плац а на другиот, хотелски комплекс со државни институции, со вкупна цена од 38.478.800 денари.
„СИС ИНВЕСТ ГРУП ДОО Скопје со Министерството за транспорт и врски склучува анекс кон договор во месец август, 2016 година, по кој се регулира прашањето за наплата на договорни казни и еднострано раскинување на договорот. За објектот со намена хотелски комплекс и државни институции издадено е одобрението за градење, кое станало правосилно на 10.4.2012 година“, велат од Општина Центар.
Според нив, општина Центар врши надзор дали инвеститорот гради согласно издадената дозвола. А што ќе се случува со овие згради, од општината велат дека треба да се обратиме кај инвеститорот.
Инаку ова беше дел од проектот Скопје 2014 з чија изградба имаше и натаму има големи политички полемики. Во тоа време реакција имаше и од дел од граѓанскиот сектор со цел ова земјиште да не се продава, туку да се изгради повторно Бурмали џамија која била урната завреме на Втората светска војна.
