Градинката во Добри дол затворена и без струја – градоначалникот се заканува со тужба против директорката и министерот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градинката „Пролет“ во селото Добри дол општина Врапчиште и денеска е затворена. Поради неплатени сметки, објектот е без струја, па 40 деца останаа дома. Директорката ја обвинува општината.

-Проблемот е ист и денеска. Испративме барање до општина Врапчиште за да пуштат струја и да започнеме со работа, вели Турќан Салији, директорка на градинката.

ТВ21: Но зошто директорката бара од општината да пушти струја?

Турќан Салији: Од Министерството ни рекоа да испратиме барање до општината и ние испративме.

Градоначалникот на општина Врапчиште Исен Шабани вели дека директорката е неспособна и не знае да ја менаџира градинката.

-Треба да го прочита законот, дека годишната програма ја спроведува директорот и одборот на директори, што го одобрува управниот одбор, потоа директорот треба да го одобри. Во таа програма требало да предвидат средства и за струја и за плати за вработените. Директорката не знае каде се наоѓа, ова со жалење го кажувам, директорката е жртва на незнаење, изјави Исен Шабани, градоначалник на општина Врапчиште.

Според Шабани, оваа директорка е назначена директно од Министерството за социјална политика, од каде и ги одземаат надлежностите. Тој најави дека ќе ја гони кривично и директорката и министерот.

-Министерството постави еден од просветните работници за директор. Синоќа имав можност да ја следам нејзината изјава и со жалење можам да кажам дека директорката е во магла и не знае што зборува или прави, и не знае каква правна одговорност ја чека. На крајот на краиштата, како градоначалник, како одговорен, по моја службена должност, од денеска се обраќам и до министерот да слуша внимателно, но и до директорката која нема право да ја врши директорската должност. Од утре кривично ќе одговараат и министерот и директорката, изјави Исен Шабани, градоначалник на општина Врапчиште.

Неколку пати се обидовме да го контактираме министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, но тој беше недостапен.