Продолжуваат протестите на пожарникарите пред Град Скопје, и после денешниот состанок со градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов рече дека е свесен за проблемите на пожарникарите, и дека се прават напори да се средат проблемите до стапување на сила на законот 2021 година.
„Имавме состанок, јас не сум човек кој бега од проблемите на пожарникарите. Овој проблем е стар повеќе од 15 години, мапиран е лоциран е, се вршат измени во закон за пожарникарство, кој треба да стапи во 2021, и дел од барањата ќе ги имаат. Правиме напори до стапување на сила на новиот закон да немаат проблеми пожарникарите. До тогаш, не станува збор за недостаток на волја, туку за незаконски основ, да се исплаќаат парите онака како што бараат пожарникарите“, рече Шилегов.
Дејан Исаевски, командир во противпожарната бригада и член на иницијативен одбор, вели дека не е задоволен од понудата на Шилегов. Тој рече дека ако сакал да го среди проблемот, градоначалникот тоа требало да го стори досега.
„Не сме задоволни од понудата на градоначалникот, кој три години е на функција, имаше време да го среди Законот. Ние планираме да продолжиме со агендата, протест пред Град Скопје и денеска продолжуваме. И ќе бидат секој ден понатаму. Само смената што е на работа, ќе остане на работа во полн капацитет“, рече Исаевски.
