Аргентина со неверојатен пресврт го елиминира Египет и се пласира во четвртфиналето на Светското првенство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Аргентина приреди вистинска фудбалска драма и со спектакуларен пресврт го совлада Египет со 3:2, обезбедувајќи место во четвртфиналето на Светското првенство. „Гаучосите“ до 79. минута губеа со 2:0, но за само 14 минути успеаја да постигнат три гола и да направат еден од најголемите камбеци на турнирот.

Египет шокантно поведе уште во 15. минута преку Јасер Ибрахим, а предноста ја зголеми Зико во 67. минута по брза контра, оставајќи ја Аргентина на работ од елиминација.

Во првото полувреме Аргентина имаше можност да израмни, но легендарниот Лионел Меси не успеа да реализира пенал, кој го одбрани одличниот египетски голман Мостафа Шобеир.

Сепак, кога многумина мислеа дека Египет ќе ја продолжи бајката, Аргентина тргна во незапирлива офанзива. Во 79. минута Кристијан Ромеро намали на 2:1 по асистенција на Меси, а само пет минути подоцна аргентинската ѕвезда погоди за 2:2, запишувајќи го својот 21. гол на светските првенства.

Во третата минута од судиското продолжение следуваше кулминацијата – по центаршут на Лаутаро Мартинез, Енцо Фернандез со удар со глава ја затресе мрежата за конечни 3:2 и огромно славје на Аргентина.

Со оваа победа, Аргентина се пласира во четвртфиналето на Мундијалот, каде ќе го чека победникот од дуелот меѓу Швајцарија и Колумбија. Египет, и покрај одличната игра во поголемиот дел од натпреварот, остана без историски успех по болниот пресврт во самиот финиш.