Пред повеќе од пет месеци новите антикорупционери дадоа заклетва во Собранието. Се обврзаа на транспарентност и отвореност. Сепак, граѓаните се уште не се запознаени со нивната работа.
– Знаете кои се таму членови?
„Не, не ме ни интересира веќе, не ме ни интересира, само се нервирам кога гледам вести.“
„Гледам телевизија обично, меѓутоа не ми се познати. Среќно нека им биде, ама работата да ја завршат.“
„Не ги знам, зашто нема ништо зошто да ги знам. Што направиле за да ги знам?“
Новите антикорупционери ретко се појавуваат пред медиумите, а освен поединечни интервјуа на претседателката Татјана Димитровска, засега тие немаат одржано прес-конференција. Во меѓувреме, граѓаните како да кренаа раце и на надлежните институции им дадоа ниски оценки во борбата против корупцијата.
„Нула. Што да кажам?“
„Да не коментирам. Ова не сум го доживеал. Имам 80 години, а овие 30 години навистина… штета за вас младите.“
„Досега никако. Не знам од сега натака…“
Работата на антикорупционерите деновиве се актуелизираше откако ги обвинија нивните претходници за популизам. Новиот состав најави дека ќе објави ревизија на работата на минатиот состав на Комисијата.
„Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително, поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност“, велат од Антикорупциската комисија.
Остро реагираше Платформата на организации за борба против корупцијата.
„Платформата ја повикува ДКСК да ги посочи конкретните случаи во кои претходниот состав излегол надвор од оваа надлежност, а во спротивно да се воздржи од поткопување на довербата и на добрата пракса која претходниот состав ја изгради… Платформата ја повикува ДКСК да посвети поголемо внимание на настапи и комуникацијата со медиуми и јавност“, велат од Платформата на НБО за борба против корупција.
Од Антикорупциската комисијата велат дека ќе зборуваат само со факти и се пофалија дека за пет месеци затвориле 21 предмет на судир на интереси, 61 за корупција, а имаат оформено и 150 предлог-одлуки за постапување.
