Наместо 2 и 2,5 денари поскапи горива, граѓаните од понеделникот на полноќ на бензинските пумпи точат горива поскапи од 4 до 5,5 денари. Иако беше најавено дека се преговара со ОКТА за да продолжи попустот од 2 денари за бензините и 3 за дизелот, сепак тоа не се случи. Па така сега граѓаните плаќаат по 92 денари за литар дизел, кој со попустот од Окта требаше да биде 89 денари, по 89 наместо 87 денари за 98- октанскиот бензин, и 87 наместо 85 денари за 95- октанскиот бензин. Премиерот Мицкоски вели дека сѐ уште се преговара со ОКТА.
„Во овој момент преговараме и ќе продолжиме да преговараме со Окта, за да биде повторно попустот, би рекол приближно на оној кој што го имавме. Ќе видиме како ќе резултираат тие преговори. Но факт е дека остануваме земја со убедливо најниски цени на горивата. Да речеме, нашиот северен сосед е еден кома девет за дизел, ние сме еден и пол, четириесетина евроценти по лита поевтини. Западниот и јужниот сосед се над 2 евра по литар“, вели Христијан Мицкоски.
Попустот кој им го даваше ОКТА на трговците со нафта траеше до понеделникот. Бидејќи цените на нафтата на светските берзи одеа до 110 долари за барел, Владата викендов ги продолжи мерките за намалено ДДВ и акцизи за горивата. Министерката за енергетика Божиновска неодамна уверуваше дека неколку дена пред истекот на рокот за попустот од ОКТА, ако е потребно, ќе се преговара повторно за продолжување.
„Следиме сè што се случува. Нашите мерки моментно се до 18 мај. Неколку дена пред истекот на овој рок ќе видиме до каде сме со цените и ако е потребно, повторно ќе преговараме со „Окта“ за продолжување на попустот. Правиме сè што е во интерес на нашите граѓани“, вели Сања Божиновска.
Но, каде заглавија преговорите со ОКТА и зошто не продолжи попустот, за сега нема информации. Инаку, овој попуст од ОКТА почна на средината на март и до сега се продолжуваше неколку пати.
