Граѓаните се гушат, директорот на Инспекторатот вели: „За загадувањето се виновни граѓаните“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако со денови низ градовите во земјава загадувањето на воздухот е неколку пати над дозволената граница првиот човек на Инспекторатот за животна средина Сретен Стојковски рече дека главни причинители за енормното загадување се граѓаните. Надминување на прагот за алармирање има во Скопската и Струмичката котлина каде деновиве се вршени инспекциски контроли на можните загадувачи но од потенцијалните компании кои со својата работа имаат влијание врз квалитетот на воздухот не е пронајдено дека тие се главните причинители.

„Анализите на примероци од воздухот се граѓаните со горење на секаков отпад, потоа се градежниот сектор, да не ја занемариме дека тука е и индустријата, која што врши загадување иако голем дел се во рамките на граничните вредности на емисии на честички и други загадувачи во воздухот.“, вели Стојковски.

Но, што е со компаниите кои се познати како големи загадувачи? Стојковски вели дека тие деновиве иако работат со мал капацитет како што се Цементара и Макстил, но сепак загадувањето е големо, што, како што заклучи, тие не се причината. Според него голем дел од иниституциите и претпријатијата преминаа на мазут.

„Еве во ЈСП бевме, до минатата година тие користеа гас, еве поминаа на мазут горат, на две места во Автокоманда и во Ѓорче Петров, голем дел од здравствените установи останаа да користат мазут. Тие прават анализи, анализите зависно од временскиот период се во рамките на дозволеното. Имаме во некои од нив надминување на азотните оксиди“, рече Стојковски.

Наспроти ваквото тврдење градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во вчерашната емисија Клик плус на ТВ21 посочи дека тие поднеле кривична пријава за Усје поради загадување.

„Единствени сме како Град Скопје што покренавме кривична пријава за загадувач, за Усје покренавме кривична пријава. Треба да постапуваат сите останати во државава. Значи има министерства, има државни инспекторати, има останати институции кои што треба сите заедно здружено да работат и треба да има казнивост“, рече Арсовска.

Во Скопје состојбата со загадувањето е алармантна, а деновиве беа издадени и препораки до граѓаните поради зголеменото присуство на ПМ 10 честичките. И од Општина Центар велат дека има засилени надзори и контроли за ублажување на состојбата. Оттаму со пораки до граѓаните.

„Да се намали користењето на возила. За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрва и други материјали. Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци и редовно да се чистат оџаците“, велат од Општина центар.

Загадувањето е тема на меѓусебно препукување и на политичките партии . И владејачката СДСМ но и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве си ја префрлаат вината и се обвинуваат дека никој ништо не презел за да се намали загадувањето.