„Границата со Косово е решето“ – СДСМ бара оставка од Тошковски поради бегството на Груби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Артан Груби е пуштен слободно да си замине од земјава и за ова министерот Панче Тошковски треба да си поднесе оставка, побараа социјалдемократите. Според партијата, границата со Косово станала решето поради, како што велат, партизацијата што таму ја спровел министерот. Меѓу тие службеници, додаваат од СДСМ, е и службеникот кај кого Груби го поминал преминот.

„Последната информација која ја добивме и денеска ја објавуваме е дека полицаецот Б.Ј. добил преместување на граничниот премин Блаце од полициската станица во Чашка  по барање на Тошковски и тоа пред само неколку недели на 24.11.2024. Дали овој човек е донесен на Блаце токму со умисла да спроведе нешто што е потребно за Тошковски?“, вели Богданка Кузеска.

Претходно, Тошковски истакна дека воопшто не го познавал полицаецот, тој е суспендиран и против него е поднесена кривична пријава. Наводите на опозицијата ги оцени како клевета.

„Ниту лично го познавам предметното лице, ниту лично сум потпишал или издал било каков акт во однос на неговото назначување за да работи во рамки на граничната полиција во Македонија.“, вели Панче Тошковски.

Реагираа и од владејачката партија.

„СДС наместо да смислуваат налудничави теории секој ден, нека почнат да даваат одговори, зошто не го спречија Груби во кражбата, иако знаеја и можеа да го спречат и казнат?“, вели Миле Лефков.

Инаку, според СДСМ, бегството на Груби е организирана работа од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и се повторила истата шема како со бегството на Блерим Рамадани.

Од коалциијата ВЛЕН, пак, порачаа дека црната листа на САД  е морално обвинение за ДУИ, и како што велат, наместо да се извинат, ДУИ продолжува да се оправдува.