Грант од 149 милиони евра за пругата кон Бугарија – на 22 километри ќе има 21 тунел и 52 мостови и вијадукти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпишани договорите за финансирање на изградбата на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, со што треба да се заврши источниот крак на Коридорот 8. Грантот од 149 милиони евра е обезбеден од инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската унија. Дополнително од Европската инвестициска банка како и од Европската банка за обнова и развој од секоја поединечно се обезбедени по 175 милиони евра кредит.

„Веќе е завршена првата секција од источното крило, активно се работи и на втората секција а денеска сме присутни на потпишување на договори за финансирање за градба на третата секција. Ова е исклучително значаен ден затоа што после скоро две години работа доаѓаме до проект кој што е остварлив кој што е реален и кој што може да биде изграден“, вели Александар Николоски.

Министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска пак рече дека изградбата на оваа железничка траса има не само значаен регионален придонес туку и за развојот на земјава. 

„Се обезбедува финансиска конструкција што ќе овозможи целосна реализација на проектот, а кој не само што ќе обезбеди подобра поврзаност помеѓу Јадранското и Црното Море, туку ќе придонесе и за поголема економска интеграција, полесно движење на луѓето и стоките како и за нови можности за развој на македонската економија и на целиот регион“, порача Гордана Димитриеска Кочоска.

За стратешкото значење на овој проект говореше и Бен Нупнау заменик шеф на делегацијата на Европската унија во земјава.

„Коридорот 8 е дел од инфраструктурата и на ЕУ и на НАТО. Оваа врска ќе ја зголеми отпорноста на Северна Македонија, на регионот и на континентот ќе обезбеди поголема мобилност и за воени и за бизнис цели, но ќе ја олесни и трговијата и ќе отвори можности за работа“, вели Бен Нупнау.

Директорот на Македонски железници Синиша Ивановски пак говореше за техничките перформанси на овој проект кој е со должина од 22 километри во кои преку 60 проценти од нив се во мостови и во тунели поради планинскиот терен.

„Ќе биде едноколосечна железничка линија која што ќе биде за мешан сообраќај ќе биде и за патнички но и за товарен транспорт. Интересно е што на само 22 километри ќе има вкупно 21 тунел со должина од 7,8 километри, дополнително уште 52 мостови и вијадукти кои што имаат должина од околу 5 километри“, вели Синиша Ивановски.

За реализација на овој проект во тек се тендерските постапки а се очекува работите на терен да почна во текот на оваа година. Железничкиот Коридор 8 е еден од најважните трансевропски транспортни коридори со стратешко, геополитичко и економско значење за Балканот и Европа.