Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја честиташе победата на Донал Трамп споделувајќи фотографија на која се гледа премиерот Христијан Мицкоски заедно со Ричард Гренел, за кој медиумите во САД пишуваат дека е сериозен кандидат за иден државен секретар.
„Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и новата администрација на Трамп за да ја унапредиме нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет. Заедно, можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена, напиша Муцунски на Инстаграм.
Пред три месеци претседателот на Владата Христијан Мицкоски, придружуван од Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, остварија средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел, соопшти тогаш прес службата на владата.
Гренел во претходниот претседателски мандат на Доналд Трамп му беше човек од доверба, покрај во разузнавачките структури беше амбасадор во Германија и специјален американски пратеник за преговорите меѓу Белград и Приштина.
Во оваа кампања Гренел беше ангажиран во приватната политичка организација “Американски центар за право и правда”, а исто така има ангажман во кампањата на републиканците за овогодинешните избори чиј фокус е придобивање на ЛГБТ гласачи за Трамп.
Ова беше втора средба на премиерот Мицкоски со Гренел, се сретнаа и во САД за време на посетата за самитот на НАТО во Вашингтон.
И од двете средби беа испратени слични соопштенија со особено потенцирање на регионалната безбедност.
-На средбата се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа. Посебен акцент беше ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување, соопштија тогаш од владата.
И на двете средби се разговарало и за економијата и за инвестиции во енергетиката. За првпат се спомнува и конкретен проект за кој се зборувало на втората средба со Гренел.
-Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата, соопшти владата.
Гренел иако во моментот нема активна државна функција, активен и одржува средби и конекции со лидерите на Србија (Вучиќ), Унгарија (Орбан), Гватемала.
Во време на претседателот Џорџ Буш и почеток на војните со Авганистан и Ирак беше дел од американскиот Стејт Департмент, а Гренел беше и портпарол на американската мисија во ООН во тој период. Имаше и консултанска компанија во која како клиенти ги навел покрај унгарската влада, Иран, Кина, Казахстан и други земји.
Гренел во 2012 во изборниот штаб на Мит Ромни беше портпарол за надворешни работи со што станал прв републиканец на толку висока позиција кој јавно се декларирал како хомосексуалец. Беше еден од 131 републиканци кои во 2013-та ја потпишал иницијативата за истополови бракови до Врховниот суд на САД. Соработувал и пишувал за повеќе влијателни американски и светски медиуми, CNN, CBS, Волстрит Џурнал, Вашингтон Тајмс, Политико, Ал Џезира.
Иако Ричард Гренел имал многу функции во американската администрација, владата и по двете средби со премиерот го опишува како поранешен директор на Националното разузнавање на САД (координативно тело на сите американски тајни служби под директна ингеренција на претседателот на САД). Таа функција Гренел ја извршувал само 96 дена во првата половина на 2020-тата.