Грета Тунберг им се приклучи на протестите на средношколците во Франција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шведската климатска активистка Грета Тунберг им се приклучи на француските средношколци кои протестираат поради недостигот од наставници, пренатрупаните училници и лошите услови во училиштата. Протестите во Франција траат веќе трета недела, а учениците бараат поголеми инвестиции во образованието и подобри услови за настава.

Тунберг присуствуваше на протест пред средното училиште „Пол Елијар“ во Сен Дени, каде што порача дека младите не се доволно вклучени во разговорите за нивната иднина.

„Нашата иднина ни ја крадат, а училиштата не ги добиваат инвестициите што им се потребни“, изјави таа.

Протестите добиваат поддршка од синдикатите, дел од наставниците и политичарите од радикалната левица. Француската влада, пак, се соочува со притисок да ги зголеми вложувањата во јавните услуги, додека истовремено се обидува да го намали буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Според објавените податоци, минатиот вторник на протестите учествувале околу 260.000 луѓе, додека во четвртокот биле регистрирани околу 75.000 демонстранти. За вторник се најавени нови протестни маршеви во поголемите градови, а наставата е нарушена во голем број средни училишта и универзитети.

Францускиот министер за образование Едуар Жефре најави дека се распоредуваат 3.000 наставници за замена. Според очекувањата, околу 200 од вкупно 3.700 средни училишта би можеле целосно да бидат затворени, иако медиумските извештаи укажуваат на пошироки нарушувања на наставата и преминување на онлајн-учење во дел од установите.

Претседателот Емануел Макрон повика на смиреност, оценувајќи дека проблемите треба да се решаваат преку консултации, разговори и меѓусебно почитување.

Во меѓувреме, протестите беа проследени со бројни апсења и повреди. Повеќе од 6.800 лица биле приведени, главно малолетници, а околу 1.500 случаи завршиле со кривично гонење. Се истражуваат и 24 пријави за полициска бруталност. Според објавените податоци, повредени биле повеќе од 200 тинејџери, 100 вработени во училиштата и 700 полицајци.

Дел од демонстрантите се здобиле со тешки повреди за време на судирите со полицијата. Еден од учесниците останал без рака по експлозија на полициска шок-граната, иако нејзината употреба на протести била забранета од владата. Друг демонстрант го загубил видот на едното око, а трет останал без повеќе заби откако солзавец бил испукан од непосредна близина.

Организациите за човекови права и учениците ја обвинуваат полицијата за прекумерна употреба на сила. Протестите добиваат и политичка димензија, бидејќи Франција се приближува кон претседателските избори. Марин Ле Пен побара родителите да ги платат трошоците за поправка на оштетените објекти, додека Жан-Лик Меланшон ги пофали демонстрантите и ја осуди полициската бруталност.