Силни невремиња зафатија големи делови од Грција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Силни невремиња зафатија големи делови од Грција, предизвикувајќи поплави на улиците, како и во продавници и домови, објавија грчките медиуми во средата.

Пријавени се прекини во снабдувањето со електрична енергија на островите Скијатос и Скопелос, додека на островот Евија се урнати бројни дрвја. На Родос, пожарникарите мораа да спасуваат жена од нејзиниот автомобил откако тој бил опколен од надојдените води.

Поаѓањата на траектите од главните пристаништа на копното, Лаврио и Атина, се суспендирани до понатамошно известување. Ветрови со удари што надминуваат 100 километри на час го зафатија Егејското Море.

Службата за цивилна заштита издаде предупредување од највисоко ниво за групата острови Споради, за островот Крит – популарна туристичка дестинација – и за регионот Атика што ја опкружува престолнината Атина. Жителите се повикани да не излегуваат надвор освен ако не е апсолутно неопходно. Многу училишта останаа затворени како мерка на претпазливост.

Според националната метеоролошка служба (EMY), се очекува невремињата и обилните врнежи да продолжат во текот на средата, па сè до ноќта кон четврток на Крит. За четврток се прогнозира смирување на времето, но се очекува условите повторно да се влошат во петок.