Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и Антикорупциска комисија влегоа во кавга за наводите околу струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Откако вчера од Комисијата за борба против корупцијата рекоа дека за предметите кои ги отвориле за Мерко биле запознаени сите институции но никој не презел ништо, остра реакција пристигна од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска која се правда дека не била надлежна за такви случаи а вината ја префрла на антикорупционерите. Грковска инаку е дојдена на оваа функција на местото на поранешниот вицепремиер за корупција Љупчо Николовски, но овој пат со сменет назив во вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење.
„За жал ДКСК предводена од претседателката Ивановска, во обид да ги оправда постапувањата или непостапувањата на ДКСК, се обидува надлежноста и одговорноста да ја префрли на други институции, без притоа да има предвид дали тие се надлежни или не за конкретни случаи, а во тој контекст и со какви механизми располагаат. Имајќи ја предвид поделбата на власта на локално и на централно ниво, вицепремиерката Грковска нема и не може да има надлеќност врз функционер кој е избран на непосредни избори“, велат од Кабинетот на Грковска.
На ваквата реакција на Грковска изненадени се од Антикорпциска, велат, наместо вицепремиерката да се бори со нас против корупцијата таа не критикува.
„Сите предмети на ДКСК се уредно и согласно законите елаборирани и доставени до надлежните институции. Непостапувањето на другите институции не е одговорност на ДКСК затоа што согласно нашите законски надлежности и ингеренции немаме механизми за да влијаеме на нивната работа и динамика на постапување. Неопходно е во интерес на граѓаните и во интерес на напредокот на решавање на случаите на корупција заеднички сите надлежни тела да ги насочат своите капацитети со иста цел, наместо неосновано да се напаѓа работата на ДКСК“, велат од Антикорупциска.
За случајот со Мерко и денеска реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде обвинуваат дека ДУИ и СДСМ го штитат струшкиот градоначалник.
„Нема барање за оставка на Мерко ниту од неговата матична партија ДУИ, ниту од помалиот коалиционен партнер во Владата СДС. Сите институции кои имале врска со овој случај потфрлиле, едни ги чувале случаите по фиоки, други најверојатно се офајдиле, трети се правеле наудрени. Случајот Мерко е пример за тоа како владеат ДУИ и СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Членството на Мерко во ДУИ е замрзнато на негово барање, но ниту тој поднел оставка на градоначалничката функција, ниту пак досега од партијата го побарале тоа од него.
