Властите во Грција најавија преземање мерки за најавениот бран на туристи, и спречување на метежите на граничните премини, кои се полни особено во летниот период кога има наплив на туристи кон нашиот јужен сосед.
На ова се осврна заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за регионите Македонија и Тракија, Константинос Гиулекас, кој на конференција за туризам истакна дека се разгледуваат привремени решенија за олеснување на преминувањето на границите, пренесува МИА.
Една од планираните мерки е поставување модуларни контролни пунктови на ГП Евзони, со што една лента би се проширила во две. Се најавуваат и активности на модернизација на инфраструктурата на преминот.
Во однос на биометриската регистрација, нагласи дека европската регулатива овозможува привремено и делумно суспендирање на неговата примена во периоди на зголемен сообраќај, практика што, како што рече, веќе се применува.
